
Со добиена порака и термин за вакцинација, двајца пензионери од Радовиш и едно лице вработено во ризичната инфраструктура со хронично заболување денеска во салата Јордан Мијалков во Штип не можеа да добијат прва доза вакцина затоа што вакцини нема. Изгубен ден, средства за пат, за овде да ги дочека порака дека вакцини нема. Решение овие лица ќе бараат во соседна Република Србија каде може да се вакцинираат без закажан термин и со можност да бираат вакцина.
„Од март месец да чекаш вакцина и да нема вакцина, а вработена сум во градинка каде имам допир со деца со најмалите. Трубат на телевизија на цел глас вакцинирајте се, а вакцини нема. Ќе одам да се вакцинирам во Врање.“
Заменик координаторот за вакцинација, доктор Иле Постолов истакна дека сигурно има настанато грешка во административниот дел, и дека пропустот не е кај нив. Денеска немало закажано ниту еден пациент за прва доза вакцина, а истовремено нема ниту вакцини.
„Тука мора да биде некоја административна грешка во самиот систем за пријавување или грешка во мобилните броеви на граѓаните бидејќи ние немаме денеска закажано ниту еден пациент за прва доза вакцина“ – истакна Постолов.
Во меѓувреме од Министерството за здравство посочуваат дека вакцинација се одвива непречено. Вакцинацијата се спроведува согласно Националниот план за имунизација. Се вакцинираат возрасни лица, граѓани кои искажале интерес за вакцинација на веб страницата vakcinacija.mk а се вакцинираат и лица вработени во критична инфраструктура. Масовна вакцинација се одвива во неколку градови во државата“ истакнаа од МЗ.
Министерството за здравство апелира до граѓаните масовно да се пријавуваат на vakcinacija.mk бидејќи тоа е најлесниот и најбрз пат да се вакцинираат.
Лаура Стојанова М-Нет