
Во знак на почит, сеќавање и благодарност, фудбалска Македонија ќе му оддаде достојна почит на трагично загинатиот фудбалер Андреј Лазаров, кој го загуби животот во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани пред една година.
Неговиот лик и дело нема да бидат заборавени, а доказ за тоа е и меморијалниот натпревар што ќе го одиграат ГФК Тиквеш и ФК Работнички – двата клуба во кои Лазаров остави силен и неизбришлив траг.
Натпреварот ќе се одигра на 29 март 2026 година (недела), на Градскиот стадион во Кавадарци, со почеток од 13:00 часот. Овој настан нема да биде само фудбалски дуел, туку емотивен собир исполнет со спомени, почит и благодарност кон момчето кое живееше за фудбалот.
Андреј Лазаров ќе остане запаметен како посветен играч, одличен соиграч и човек со големо срце, кој преку својата игра и карактер остави длабока трага во македонскиот фудбал.
Овој меморијален натпревар ќе биде уште еден потсетник дека вистинските вредности и луѓе никогаш не се забораваат.