МВР: Од февруари до јуни годинава бројот на загинати во сообраќајки е намален за 40% во однос на претходната година, „Безбеден град“ спасува животи

„Безбеден град“ е проект за кој долго се зборуваше, а ние го реализиравме. Денес тој претставува еден од најважните механизми за модернизација на полициското работење и заштита на животите на граѓаните, велат од МВР.

„Резултатите веќе го потврдуваат тоа. Во периодот од февруари до јуни оваа година, бројот на загинати лица во сообраќајни незгоди е намален за 40% – од 55 жртви во истиот период минатата година, на 34 оваа година.

Од почетокот на примената на системот се евидентирани над 130.000 сообраќајни прекршоци, а повеќе од 95% од нив се однесуваат на пречекорување на дозволената брзина. Тоа јасно покажува дека најголемата опасност на нашите патишта не се камерите – туку неодговорното возење.

Продолжуваме со неговата имплементација низ целата држава, затоа што нашата цел не е да изрекуваме повеќе казни, туку да имаме помалку сообраќајни несреќи, помалку изгубени животи и побезбедни патишта за сите. „Безбеден град“ е технологија што спасува животи. Безбедноста нема алтернатива“, се додава во објавата на МВР.

Текстот МВР: Од февруари до јуни годинава бројот на загинати во сообраќајки е намален за 40% во однос на претходната година, „Безбеден град“ спасува животи е превземен од МАКФАКС.