
Со марш на живите Штип денеска ја одбележа 80-годишнината од депортацијата на штипските Евреи. Во нивен спомен се маршираше од општинската зграда до Споменикот на Евреите, каде беа положени каменчиња со имињата на депортираните семејства од Штип. Комеморативната програма започна во со промоција на книгата „Евреите од Штип – од доселувањето до холокаусот“ од Мишо Китановски. Во чествувањето се вклучи и министерката за култура, Бисера Костадиновска Стојчевска.
„Ми претставува навистина големо задоволство што имав можност на некаков начин да помогнам во организација на овој настан денес, во организацијата на настанот којшто беше вчера во Битола и во организацијата на централниот настан за одбележување на 80 години од депортацијата на македонските Евреи. Овој настан на сите треба да ни биде една лекција за издигнување над сите наши определби за да помогнеме овој настан, вакви настани во историјата никогаш да не се повторат“, истакна министерката за култура, Бисера Костадиновска Стојчевска.

Претседателот на Еврејската заедница, Пепо Леви, посочи дека вакви одбележувања не смее да престане да има, бидејќи вака им се оддава почит на над 7000 Евреи кои во 1943 година биле депортирани од земјава.
„Ова е настан којшто Македонија не смее да го заборави во својата 80-годишна историја, овој ден никогаш не е заборавен. Секогаш им оддаваме почит на нашите 7.144 Евреи од Македонија и 543 Евреи од Штип“, истакна Пепо Леви, претседател на Еврејската заедница.
Градоначалникот на Штип, Иван Јорданов, посочи дека целта е со маршот да се повика на сплотеност и мир во светот. Тој имаше можност да ја запознае и единствената преживеана Еврејка од Штип, која ја изрази својата благодарност за организирањето на овој настан.
„Јас сум навистина почестен што имам можност денес да ја запознаам штипјанката Шела, којашто е единствената штипјанка којашто ја преживеала депортацијата. Она коешто можам да го кажам е дека и по 80 години од депортацијата, сѐ уште се чувствува тагата. Сакаме да испратиме една порака на мир, затоа што не треба да се заборави и не треба да се повтори. Нашата желба денес е со маршот на живите да порачаме да има мир во светот и никогаш да не се повтори“, вели Јорданов.

„Јас сум многу благодарна на вашиот градоначалник што ми дава толкава чест на мене. Мислам дека заслужив оти останав единствена од целиот Штип. Јас се заблагодарувам многу на овој голем настан што го приредувате, што давате толкава чест на градоначалникот и на сите вас“, посочи Рашела Сион Алтарац, единствена преживеана Еврејка од Штип.
Свежо цвеќе на Споменикот положија и од Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија, амбасадорот на Република Германија, пратеници од Собранието, претставници од Армијата и останати присутни институции и здруженија. По ова, присутните ги посетија и Еврејските гробишта во Штип, каде исто така се положи цвеќе.
Ребека Спасова М-Нет