Портпаролката на Владата, Марија Митева, вечерва на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ е именувана за нова претседателка на Унијата на жени на партијата.
Во објава на социјалните мрежи, Митева вели дека ќе биде претседателка која ќе слуша, ќе обединува и ќе работи.
„Честа не е во функцијата. Честа е во довербата. Со голема благодарност и одговорност, ја прифатив довербата што ми ја укажа претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и Извршниот комитет, да ја предводам Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ, организација која претставува двигател на посветеноста, пожртвуваноста и политичката сила. Благодарам за можноста, но уште повеќе за одговорноста! Верувам дека лидерството не започнува со титулата. Започнува во моментот кога ќе одлучите дека повеќе не е доволно само да бидете дел од процесите, туку да преземете одговорност да ги водите, да ги подобрувате и да создавате нови можности за другите. Женскиот глас мора да биде уште погласен на местата каде што се креираат политиките, се носат одлуките и се гради иднината. Не затоа што бараме привилегија, туку затоа што заслужуваме еднаква можност да придонесуваме со своето знаење, интегритет и лидерство“, напиша Митева.
Вели дека верува дека доаѓа времето конечно да ја надминеме перцепцијата дека жените во политиката зборуваат исклучиво за женски прашања.
„Жените се дел од решенијата за сите теми што го засегаат општеството. На крајот, сакам да си ветам нешто себеси, а и на секоја жена која ќе биде дел од ова наше заедничко патување. Успехот нема да го мериме по бројот на одржани настани, ниту по бројот на говори и фотографии. Ќе го мериме по бројот на жени кои ќе ги охрабриме да го направат првиот чекор. По довербата што ќе ја изградиме меѓу себе. По подадената рака тогаш кога ќе биде најпотребна. По новите лидери што ќе ги создадеме. По политиките во кои ќе биде препознаен нашиот придонес. И по резултатите што заеднички ќе ги оставиме зад нас. Затоа што најсилните организации не се градат околу една личност. Се градат околу луѓе кои меѓусебно си веруваат, се поддржуваат и оставаат простор секој следен да биде подобар од претходниот“, напиша Митева.
Текстот Марија Митева нова претседателка на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ е превземен од МАКФАКС.