
Младата Марија Атанасова од Штип и оваа година, третпат по ред застанува на макфестофската сцена. Со песната „Вљубена во лага“, во поразличен стил, ќе пее втората вечер односно на 24 октомври. Како што истакна пред камерите на М-Нет телевизија за првпат ќе се престави со побрза песна, поразлична од претходните, а рефренот веќе се врти по социјалните мрежи и се учи напамет.
„Оваа година ќе се преставам на Макфест со песната „Вљубена во лага“, многу поразлична од тоа што досега го слушнале од мене. Позабавна е, игрива песна, се надевам дека ќе им се допадне. Аражманот е на Илија Ќосевски, а текстот и музиката се мои со најголема поддршка од Весна Малинова. Сакав да пробам и некој друг стил, да видам како ќе се снајдам во тој дел. Баладите се нешто мое, нешто што е сигурно, а вака позабавните песни ми се предизвик и сакав да го пробам тоа.“ – вели Атанасова.
Овогодинешното јубилејно издание на Макфест е со новитети, а како што вели Атанасова, поголема е еуфоријата, сцената, подготовките. Настапувањето на Макфест значи и огромна помош за младите пеачи за развој на нивната кариера.
„Најискрено има многу поголема еуфорија, едвај чекам да излезам на сцена и да пеам. Како што гледам и сцената и се е многу поразлично и на многу повисоко ниво, така да се надевам дека и оваа година ќе биде уште попосетена и ќе има уште подобри песни“ – додава Атанасова.
Макфест започнува вечерва, а ќе се престават 40 изведувачи трите фестивалски вечери.
Лаура Стојанова-Ќирчов, М-Нет