
Овој викенд се одиграат пет натпревари од 9. коло на Втората футсал лига, а кое коло ќе се комплетира вечерва со мечот меѓу Партизан Југ и Енхалон од Струга.
Екипата на Мал Ајакс од Штип е есенски шампион со учинок од осум победи и еден пораз, на своето конто има 24 бодови, а во последниот меч за 2024 година во Штип со 8:3 славеше голема победа над ССК Скопје.
Овче Поле имаше тешко гостување и забележа победа од 4:6 над конкурентот Балкан. Ланскиот прволигаш од Свети Николе забележа голема и важна победа на патот за враќање во Првата лига против Балкан, кој исто така најавува амбиции за влез во Прва лига.
Кратово со 8:5 го совлада тимот на Каршиака, во преполната Градска сала во Кратово, бидејќи овој натпревар беше последен за голманот и капитен на Кратово, Зоран Јакимовски, кој поради повреда и принуден да ја заврши својата кариера.
„Најпрво да се заблагодарам за огромната публика што дојде денес во Градската сала во Кратово која беше исполнета до последното место и овој е последен натпревар во мојата кариера. За жал поради спортска повреда со лигаментите и слично, дојде крајот не можам да се занимавам со спорт. Денес во глобала завршивме супер, супер натпревар, одигран перфектно. Преголема благодарност до публиката односно до цело Кратово што дојде на натпреварот и ми остана во спомени“, рече Јакимовски.
Победата беше посветена на Јакимовски, а целата сала во Кратово во еден глас го поздрави капитенот.
Карадаку на домашен терен претрпе нов пораз од екипата на СЕЕ Университи со 0:3, а пак Кораби со 7:3 славеше над Конзули од Битола.
Во однос на табелата Мал Ајакс од Штип е прва со 24 бодови, Овче Поле е втор со 18 бодови, а Балкан е трет со 18 бодови со тоа што Балкан има меч помалку.
На дното е Карадаку како единствен тим без бодови.
Александар Ванев, М-Нет