
Македонските фудбалски репрезентативци зимава ќе менуваат средини, Енис Барди, Езѓан Алиоски и Елиф Елмас ќе имаат нови клубови. Капитенот на македонската фудбалска репрезентација, Енис Барди заминува од Трабзонспор, пред него е опција за да остане во Турција, а да продолжи во Хатајспор, клуб кој е претпоследен во турската Суперлига, но пред Барди е опција и за преселба во Хрватска во тимот на Динамо Загреб, со што би можел да игра во Лигата на шампионите.
Евентуалната преселба на Барди во Динамо Загреб ќе значи дека би играл заедно со Стефан Ристовски Аријан Адеми, кои пак би можеле да се вратат во македонската репрезентација.
Македонскиот репрезентативец Езѓан Алиоски е дел од Ал-Ахли, но повеќе од една година нема одиграни натпревар, последниот меч за Ал-Ахли 32-годишникот го одигра на 8. ноември 2023 година. Алиоски би можел да се врати во Турција, бидејќи неколку екипи покажуваат интерес за неговите услуги.
Елиф Елмас би можел да се врати во Италија, Фиорентина е во игра како можен клуб на македонскиот репрезентативец кој не добива голема минута во германски Лајпциг. За Елмас има интерес и од неколку турски екипи.
Белгискиот тим Деинзе прогласи банкрот, а тоа значи дека повремениот македонски репрезентативец Ердон Даци ќе треба да бара нов клуб каде би ја продолжил кариерата.
Во Првата македонска фудбалска лига најактивен е Вардар со четири промовирани зимски засилувања, а најтрофејниот клуб е во потрага и по голман, а во следите денови се очекуваат поактивни на трансфер пазарот да бидат и останатите прволигаши. Тиквеш веќе се поврзува со можни нови две зимски засилувања, откако претходно го претстави Арби Воша.
Александар Ванев, М-Нет