Македонскиот шампион Штип УГД против шампионат на Холандија како прва пречка во Лигата на шампиони

ФОТО: ОК Штип УГД

Македонскиот одбојкарски шампион Штип УГД го доби противникот за историскиот настап во ЦЕВ Лигата на шампиони. Денешната ждрепка одржана во Луксембург посака штипскиот тим во првото квалификациско коло да ги одмери сили со шампионот на Холандија, Орион Старс, кој важи за квалитетен противник, па тоа ќе биде силен предизвик за момците на Кристиан Ристески.

За Штип УГД ова ќе биде дебитантски настап во најелитното европско клупско натпреварување, откако клубот во изминатата сезона ја освои двојната круна и испиша историја со тоа што ќе игра во Лигата на шампионите по првпат.

Првиот натпревар одбојкарите на Штип УГД ќе го одиграат на гостински терен во Холандија, во период од 20 до 22 октомври, додека реваншот е закажан во Штип од 27 до 29 октомври, каде македонскиот шампион од градот под Исарот ќе се обиде пред својата публика да избори место во следната рунда.

Доколку штипјани ја минат првата квалификациска пречка, во второто коло ќе се соочи со словенечкиот АЦХ Волеј Љубљана. Во тој случај првиот натпревар би се играл во Македонија во период од 3 до 5 ноември, а реваншот во Словенија од 10 до 12 ноември.

Штипјани ги очекува голем европски предизвик, но и можност уште еднаш да го покажат својот квалитет и достојно да ја претставуваат Македонија на европската одбојкарска сцена.

Штип УГД предводен од младиот стратег Кристиан Ристески три години во низа ја освојува Куп титулата, а минатата сезона за првпат ја освои шампионската титула и со тоа за првпат ја обедини двојната круна, со што Штип УГД резултатски направи голем успех во клупскиот спорт во градот.

Минатата сезона Штип УГД за првпат излезе на Европската сцена настапувајќи во Џелинч купот каде во Норвешка загуби од Кол Ил, но на домашен терен го доби тимот од Осло за следно коло, каде штипјани двапати беа поразени од италијански Милано.

Александар Ванев, М-Нет