
ФК Македонија Ѓорче Петров не запира со кадровските промени во зимскиот преоден рок. Откако претходно беа промовирани Огузан Ајдоган и Стефан Лазаревиќ, раководството на клубот претстави уште три нови имиња кои ќе го засилат тимот во продолжението од сезоната.
Најзвучното име меѓу новајлиите е српскиот напаѓач Стеван Николиќ. Станува збор за 23-годишен офанзивец кој потекнува од младинските школи на Црвена Звезда и Партизан, а во кариерата настапувал и за Марибор, како и за словенечките Табор Сежана и Кршко. Во Македонија ЃП пристигнува како слободен играч, откако последно го носеше дресот на Трајал од Србија.
Нов член на одбранбената линија е и младиот стопер Малик Хамзиќ. Дваесетгодишниот дефанзивец доаѓа од редовите на Силекс, а претходно настапувал и за Гостивар, како и за младинските категории на Работнички. Во Ѓорче веруваат дека станува збор за фудбалер со потенцијал кој допрва треба да го покаже својот квалитет.
Третото засилување е Кристијан Таневски, уште еден стопер кој доаѓа од Саса. За Таневски ова претставува враќање во позната средина, бидејќи претходно беше дел од младинските категории на Македонија ЃП, а настапувал и за младинските тимови на Вардар.
Со серијата засилувања, „лавовите“ јасно покажуваат дека сериозно се подготвуваат за предизвиците што ги очекуваат во вториот дел од шампионатот, со цел да го подигнат нивото на игра и резултати во пролетната полусезона.