
Македонија ремизираше синоќа во Скопје со Казахстан откако одигра 1:1 со што нашите шанси за директен пласман на Светското првенство згаснаа, но останува надежта за баражот.
По чистите мрежи во првиот дел и полошата игра на Македонија, во вториот дел работите почнаа да се менуваат, но сепак следуваше ладен туш за навивачите на македонската репрезентација кога Казахстан поведе во Скопје со 0:1.
Македонија започна да креира шанси, а израмнувањето дојде во 74. минута кога Енис Барди постигна атрактивен гол од слободен удар, кој дефинитивно ќе биде и гол на колото за 1:1. До крајот Македонија имаше неколку шанси за погодок, но не успеа да ги реализира и на тој начин моравме да се задоволиме само со бод.
„Секако дека да, тежок натпревар не успеавме да го постигнеме тој втор гол, мислам дека имавме и создадовме доволно ситуации да дадеме втор гол, но едноставно не успеавме да реализираме по вторпат, штета што не го потврдивме тој бод од Белгија, тежок терен, тежок ритам, исцрпувачки, но тоа е тоа, нема назад одиме понатаму. Имаме уште еден натпревар во групата да одиме максимално подготвени во Велс“, вели репрезентативецот на Македонија, Тихомир Костадинов.
Во првото полувреме Македонија имаше поприлично лоша игра, која во вториот дел се подобри.
„Едноставно како да не држеше во првото полувреме тој замор од Белгија, некако беа поагресивни, ги освојуваа дуелите секаде низ теренот, не само во средината, насекаде беа поуспешни во дуелите и некогаш во фудбалот тоа е доволно кога противникот е поагресивен, поподготвен и побрз од тебе. Ги освојуваа едноставно дуелите, беа побрзи, поагилни. Во второто полувреме сменивме и формација отидовме поофанзивно, похрабро и мислам дека затоа создадовме повеќе поизгледни ситуација, но за жал примивме можам да кажам еден несреќен гол. Потоа успеавме да се вратиме, навреме постигнавме гол за 1:1, но на крај ете имавме ситуација иза 2:1, имав и јас имаше и Никола, мислам како да имавме сите по една шанса, но едноставно не успеавме да реализираме“, дополнува Костадинов.
„Сите играчи направивме се што можевме, бевме и уморно од натпреварот со Белгија, направивме се што можеме за да го добиеме натпреварот. Направивме и шанси, но немавме многу среќа, но требаше уште малку да дадеме од секој од нас и овој натпревар требаше да го добиеме, но фудбалот е така, некогаш победуваш, некогаш губиш. Но, нашиот сон не е завршен тука имаме уште еден натпревар треба со мислите да бидеме напред во ноември имаме уште еден натпревар“, вели Исник Алими, репрезентативец на Македонија.
Пред нашата репрезентација следува едно тешко гостувањето против репрезентацијата на Велс, меч кој треба да го добиеме за да го потврдиме второто место кое води баражот за пласман на Светското првенство кое се игра следната година во САД, Мексико и Канада.
Александар Ванев, М-Нет