
Телевизија М Нет од Прага, Чешка:
Македонија претрпе пораз од Украина со резултат од 2:0, пораз кој веројатно значи и крај на надежите за пласман на ЕП. Пресметката која се одигра на „Епет Арена“ во Прага понуди отворена игра и шанси на двете страни, а во првиот дел Украина дојде до предност од еден гол на полувреме.
Македонските “рисови” имаа шанси да се вратат резултатски до крај на првиот, но не ги искористија шансите, потоа сè беше потешко и потешко како се намалуваше времето, за на крај да се соочиме со краен неуспех односно пораз од Украина.
Двете репрезентации влегоа со атак на трите бодови со оглед на тоа што мечот беше одлучувачки и за Украина и за Македонија.
Натпреварот започна со по една шанса пред двата гола во првите 15 минути од средбата која се одигра на “Епет Арената”.
Столе Димитриевски ја спаси мрежата, откако му фати зицер на Мудрик, но потоа Украинците поведоа преку Судаков со 1:0 во 30. минута од мечот.
Георгиј Судаков се одлучи за удар кој го испрати од повеќе од 20 метри, топката се одби од Серафимов и го измами Димитриевски кој веќе беше паднат.
Ваквиот гол наметна притисок кај и стручниот штаб што да се прави при гол негатива, а на 15 минути пред крајот на првиот дел.
Украинците ја остварија својата цел, а тоа беше гол во рана фаза од мечот, можеби голот не падна баш во рана фаза, но беше постигнат на средина од првиот дел, со што нашиот противник беше порелаксиран.
Голот на Украина ги разбуди “рисовите” на Благоја Милевски.
Македонија креираше шанси и правеше притисок, а беше и блиску до гол, но немаше успешна завршница.
Македонија во првиот дел одигра солидно на „Епет Арена“ во Прага, но по првите 45 минути имаше негатива од 1:0 на мечот со Украина.
Ако е за утеха имавме неколку одлични шанси кои ни даваа за право да се надевавме на подобар резултат во второто полувреме.
На стартот од второто полувреме Чурлинов влезе во игра на местото на Манев, а пак Димовски во игра влезе на местото на Ашковски.
Македонија тргна на се или ништо бидејќи и немаше што да загуби, креираше шанси, но немаа успешна завршница. По низата шанси Украина преку Мудрик се закани, а нашиот Столе одбрани неверојатна шанса на Украина, а веднаш потоа Украина се закани со удар во пречката на нашиот гол.
Атанасов излезе од игра во 62. минута, а во игра влезе Адеми, а пак 10-тина минути подоцна Дориев влезе во игра на местото на Елези.
Во финишот Македонија бркаше гол за егал борба, а на спротивната страна Украина се закани со сериозни шанси, но Димитриевски беше на висината на задачата со атрактивни интервенции.
Судиското надополнување беше 6 минути, Украина напаѓаше и ја чуваше предноста, а во последната минута Караваев ја стресе македонската мрежа за конечни 2:0.
Македонија имаше свои шанси од кои четири беа сериозна закана за голот на Украина, но остана само на “закана”, но не и гол.
Украина ни ги затвори реалните шанси за второто место и пласман на ЕП, но сепак теоретски можеме до пласман, но гостуваме во Рим кај Италија, а во последното коло сме домаќини на моќната Англија.