Македонија наскоро ќе ги дознае потенцијалните ривали за баражот за пласман на Светското првенство 2026

Фудбалската репрезентација на Македонија на 20 ноември 2025 година ќе ги дознае можните противници во баражот за Светското првенство 2026, што ќе се игра во Канада, САД и Мексико.

Ждрепката ќе се одржи во седиштето на ФИФА во Цирих, Швајцарија, само два дена по последниот квалификациски натпревар на нашиот национален тим против Велс во Кардиф.

На овој настан ќе биде трасиран финалниот пат кон Мундијалот за сите селекции кои остануваат во трката за пласман.

Вкупно 22 репрезентации ќе бидат дел од ждрепката – шест преку глобалниот плеј-оф турнир на ФИФА и 16 преку европските плеј-оф натпревари.

Настанот ќе се пренесува во живо на FIFA.com и FIFA+, а ќе започне во 13:00 часот по средноевропско време.

До овој момент, 28 национални селекции веќе имаат обезбедено место на историскиот шампионат, прв во историјата со 48 учесници.

Преостанатите 14 места ќе бидат распределени по завршувањето на сите континентални квалификации и плеј-оф натпревари што ќе се играат во март 2026 година.

Европските плеј-оф натпревари ќе вклучуваат 12 второпласирани репрезентации од групите и четири најдоброрангирани победници од групите во Лигата на нации.
Тие 16 екипи ќе бидат поделени во четири плеј-оф патеки, секоја со по четири селекции, а натпреварите ќе се играат по систем полуфинале – финале, со една елиминациска средба.

Финалните мечеви на глобалниот плеј-оф турнир ќе одлучат кои две репрезентации ќе ги пополнат последните места на Мундијалот 2026, кој ќе се одржи од 11 јуни до 19 јули 2026 година.