
Македонија се најде меѓу 75-те држави за кои Соединетите Американски Држави донесоа одлука за привремено запирање на обработката и издавањето на имигрантски визи, објавија повеќе меѓународни медиуми повикувајќи се на извори од Стејт департмент.
Според информациите, мерката стапува на сила од 21 јануари и ќе важи до понатамошно известување, а се однесува исклучиво на визи за трајно преселување и живеење во САД. Туристичките, бизнис и студентските визи, засега, не се опфатени со оваа одлука.
Американските власти наведуваат дека целта на оваа пауза е дополнителна ревизија и заострување на критериумите за проверка на апликантите, како и усогласување на визната политика со националните безбедносни и социјални приоритети. Мерката, како што се посочува, има за цел да спречи потенцијални злоупотреби на имиграцискиот систем и зависност од јавни социјални фондови.
Од македонските институции засега нема официјално соопштение во врска со оваа одлука. Надлежните препорачуваат граѓаните внимателно да ги следат информациите објавени од Амбасада на САД во Скопје и официјалните канали на американските власти, со цел навремено информирање за евентуални промени во визните процедури.
Очекувањата се дека во наредниот период ќе следуваат дополнителни појаснувања околу времетраењето на мерката и конкретниот опфат на земјите, додека илјадници апликанти ширум светот ќе останат во неизвесност околу своите планови за преселување во Соединетите Американски Држави.