Легитимно и оправдано е барањето на работниците за зголемување на плататите сметаат економистите

Барањето на работниците за покачување на минималната плата е сосема легитимно и оправдано сметаат економистите. Како што вели Глигор Ивановски, повеќе од потребно е зголемување на платите, а за тоа треба да размислува Владата, бидејќи некоректно е да се обвинуваат работниците ако некој странски бренд заминал од кај нас или фирмата не е добро позиционирана на странскиот пазар.

„Зголемувањето на минималната плата е неминовно и тоа е сосема легитимно и оправдано барање на работниците. Нема никаква дилема, не можеме ние да ги обвинуваме работниците што бараат да се зголеми минималната плата, а тоа што работодавачите и Владата не се подготвени тоа да го направат тоа е нивни проблем. Работниците се сосема во право.“ – вели Ивановски.

Со плата од 25 илјади денари е доста тешко да се преживее месецот. И ако имаме семејство во кое двајца млади работат и земаат минимална плата, тие не можат да си ги дозволат основните прехрамбени производи, а невозможно да преживеат ако не е решено нивното станбено прашање.

„Со 25000 денари не може да се опстои, тоа го знаат сите учесници во тоа трипартитно договарање. Не може товарот да се префрли на вработените бидејќи тие не одлучуваат за тоа како некој од нашите фирми ќе котира на странскиот пазар, како ќе се избори за својата цена на трудот итн. Работниците се сосема во право што бараат да се зголеми минималната плата “ – вели Ивановски.

Изминатиот период синдикалците со блокади пред Влада и стопанска комора побараа зголемување на минималната плата на 600 евра и покачување на сите останати плати за 6000 денари. Во спротивно се заканија со генерален штрајк.

Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет