Лазаров останува селектор: Водењето на национален тим, поготово на својата земја, е голема чест и одговорност!

ФОТО: РФМ

Ракометната федерација на Македонија ја известува јавноста дека со заедничка визија, доверба и јасна стратегија за развој на македонскиот ракомет, продолжува соработката со селекторот на машката сениорска репрезентација, Кирил Лазаров.

Претседателот на Ракометната федерација на Македонија, истака дека веруваат дека континуитетот и стабилноста се клучни за напредокот на националниот тим и македонскиот ракомет во целина.

„Официјално ја продолживме соработката со селекторот на нашата машка сениорска репрезентација, Кирил Лазаров, со договор до 2029 година. Веруваме дека континуитетот и стабилноста се клучни за напредокот на националниот тим и македонскиот ракомет во целина. Се надеваме на успешна и плодна соработка во наредниот период, во кој со заеднички труд, посветеност и јасна визија ќе продолжиме да остваруваме добри резултати и да го развиваме нашиот спорт“, рече претседателот на РФМ, Александар Стефанов.

Селекторот Лазаров истака дека водењето на национален тим, поготово на својата земја, е голема чест и одговорност.

„На заедничко задоволство ја продолживме соработката со Ракометната федерација на Македонија. Водењето на национален тим, поготово на својата земја, е голема чест и одговорност. Благодарен сум за укажаната доверба и поддршка. Пред нас е период исполнет со сериозна работа, јасни цели и високи очекувања. Со заеднички труд, дисциплина и целосна посветеност ќе продолжиме да работиме на напредокот на националниот тим и достоинствено претставување на Македонија, со фокус на стабилност и резултати на долг рок“, истакна селекторот Кирил Лазаров.

Лазаров селектороската улога на нашата репрезентација ја презема во 2021 година, а сега го очекува Европското првенство, а во кое сме во група со Данска, Португалија и Романија.

Александар Ванев, М-Нет