Крстевски: Советот покажа дека за нив законите не важат, одлуката е незаконита!

По одржаната седница на совет на Општина Кочани, преку писмено соопштение се произнесе и в.д. градоначалникот Венко Крстевски, кој не беше присутен на седницата.

Советот на Општина Кочани уште еднаш покажа дека за нив законите не важат, важи само партиската агенда, напиша Венко на својот фејсбук профил. Додава дека одлуката е незаконито донесена.

„Благодарение на нестручното, партизирано и непрофесионално водење на работата на Советот на Општина Кочани од страна на претседателот Лазо Митев, денеска сме сведоци на донесување на уште една незаконита одлука. Без примен документ во Општина Кочани – согласност од Министерството за образование и наука за формирање паралелки со помал број ученици, Советот незаконски запре решение и дозволи да се формираат такви паралелки. Над сѐ, претседателот на Советот Лазо Митев – се закани со кривична пријава против мене обвинувајќи ја Општината дека крие документи.“ – вели Крствески.

Како тој документ стигнал до него – преку партијата ли? – прашува в. д. градоначалникот на Општина Кочани Венко Крстевски. Крстевски истакнува дека ова е една од низата партиски заложби кои Советот ги протежира во текот на целиот мандат, а граѓаните со право констатираат дека никогаш порано немало толку слабо советничко мнозинство што го интересира само паушалот, а нема капацитет да реши ниту еден круцијален проблем што ги мачи жителите на Кочани. “ – стои во соопштението испратено од Општина Кочани.

Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет