Опозициските партии СДСМ и Левица упатија критики поради новиот билборд поставен на влезот во главниот град, обвинувајќи дека визуелното решение е несоодветно и содржи низа грешки.
Во партиско соопштение, СДСМ оцени дека наместо разубавување на градот, скопјани добиле симбол на аматеризам и срам. Од партијата тврдат дека на билбордот коњот Букефал е прикажан со пет нозе, а останатите елементи, според нив, не соодветствуваат на изгледот и идентитетот на Скопје. СДСМ обвини дека градската власт, наместо да инвестира во инфраструктура, чистота и јавен превоз, спроведува кампањи без конкретни резултати.
„Наместо вистинско уредување и инвестиции, добиваме уште една кампања со AI-генерирани слики. Наместо реални резултати, ВМРО-ОКГ и Орце постојано прават кампањи. Сè е кампања, а резултати нема. Наместо да се вложува во квалитетна инфраструктура, чистота, нови автобуси, уредување на градот, граѓаните добиваат уште еден симбол на аматеризам и срам“, велат од СДСМ.
Со реакции се огласи и Левица, од каде наведуваат дека билбордот е визуелна брука и дека не го претставува автентично Скопје, особено во пресрет на 2028 година, кога градот ќе ја носи титулата Европска престолнина на културата.
Од Левица тврдат дека на визуелното решение има повеќе фактички и историски неточности, меѓу кои приказ на Букефал со пет нозе, непрепознатливо Кале, изобличен Камен мост и црква која наликува на храмот „Свети Сава“ во Белград. Партијата бара одговори кој го изработил и одобрил решението, колку чинело и од која буџетска ставка е финансирано.
И двете опозициски партии оценуваат дека ваквиот начин на претставување на главниот град не е соодветен, особено во период кога Скопје се подготвува за титулата Европска престолнина на културата.
Град Скопје и градоначалникот Орце Ѓорѓиевски засега не се произнесоа по коментарите.
Текстот (Видео) Критики за билбордот на влезот во Скопје: Букефал со пет нозе, непрепознатливо Кале е превземен од МАКФАКС.