
Институции во кои граѓаните имаат сомнежи за одредени криминални активности, кражбата на дрва и нерегистрираните возила се дел од проблемите кои граѓаните ги посочија на средбата со министерот Спасовски како дел од активноста „Отворен кабинет“. Тој вели дека е задоволен оти граѓаните што мала мера посочиле конкретни проблеми, а нивните забелешки повеќе се однесувале на јавната свест.
„Секако дека неколку прашања се издвојуваат во однос на состојбата со безбедноста, пред сѐ кражбата на дрва, возењето на нерегистрирани возила од одредена популација на граѓани исто така како едно од прашањата. Безбедноста генерално е на задоволително ниво, меѓутоа секогаш можеме и подобро и повеќе од тоа. Јас сум задоволен што граѓаните кои доаѓаа не зборуваа за конкретни проблеми, туку тоа се однесуваше пред сѐ на јавната, општата свест“, посочи Спасовски.
Проектот „Отворен кабинет“ започна од Штип, а во рамки на веќе утврдениот концепт „МВР за граѓаните“. Намерата е на непосреден начин да бидат слушнати предизвиците со кои се соочуваат граѓаните, нивните идеи и предлози за подобрување на безбедноста во заедницата во која живеат.
„Целта е да се слушне мислењето на секој еден граѓанин. Како полицијата да придонесе за спокојство на секој поединец, бидејќи ние сме тука токму за граѓаните, но и да се запознаам со реализираните активности од почетокот на годината до сега, како и од постигнатите резултати. На тој начин да направиме сублимат за тоа што е постигнато и да зацртаме приоритети и цели за следниот период“, додава Спасовски.
Според Спасовски, средбите се важни и даваат корисни информации со кои граѓаните може да бидат дел од процесот на зголемување на безбедноста. Проектот ќе биде со неделна динамика, а ќе трае во наредните два месеца. Министерот на еден ден ќе биде во некој од секторите за внатрешни работи.
Лаура Стојанова М-Нет