Кражба на сијалички и кабли од фонтаните во Штип проблем за истите да се стават во функција

Украдени сијалички и кабли од фонтана во централното градско подрачје во Штип, проблем за надлежните во ЈП Исар. Во текот на вчерашниот ден фонтаната се подготвуваше за денеска да може повторно да се стави во функција, но нови девијантни појави на несовесни граѓани покажаа дека тоа е невозможно. Откако фонтаната била исчистена и подготвена за да го краси центарот на градот, во текот на вчерашниот ден, во вечерните часови биле украдени сијалички и кабли. Ова преставува дополнителни активности но и трошоци за ЈП Исар. Затоа повторно апелираат граѓаните да бидат совесни и одговрни со цел да се чува она што се поставува.

„ЈП Исар секојдневно се соочува со кражба на фасонки и електроделови кои се поставени единствено да бидат во функција за непречена работа на фонтаните низ градот. Апелираме, таквата девијантна појава вендаш да престане, да не се изложува ЈП Исар на непотребни, дополнителни финансиски средства за вонредно одржување конкретно на фонтаните. Бидејќи пред се се трошат парите на граѓаните“ – велат од ЈП Исар.

Од таму додаваат дека може да дојде до несакана појава, но и да се повредат лицата кои ги оштетуваат и крадат делови од фонтаните во градот. Ова не е единствен пример на кражба на предмети, опрема, реквизити од градот Штип,

Се уништуваат детски и спортски игралишта, се кршат клупи и урбана опрема, а тоа води до лоша слика за самиот град.

Лаура Стојанова М-Нет