Во електровлечната подстаница Драчево, која се наоѓа меѓу железничките станици Лисиче и Драчево, е извршена кражба од големи размери, при што е уништен значителен дел од електроенергетската опрема неопходна за функционирањето на железничката инфраструктура, соопштуваат од Министерството за транспорт.
Според информациите од Министерството за транспорт, сторителите насилно превртеле два електроенергетски трансформатори, тешки повеќе од 30 тони. Од нив било испуштено трансформаторското масло, а бакарните намотки и другите вредни делови биле демонтирани и однесени.
Од објектот биле украдени и бакарни жици, бакарни шини, прачки и речиси целата опрема потребна за работа на подстаницата, поради што таа е целосно ставена надвор од функција.
Првичните проценки покажуваат дека причинетата материјална штета изнесува околу пет милиони евра.
Од Министерството оценуваат дека не станува збор само за кражба на бакар и опрема, туку за сериозен удар врз критичната железничка инфраструктура, кој може да има последици врз безбедноста и нормалното одвивање на железничкиот сообраќај.
Текстот Крадци ја опустошија електровлечната подстаница во Драчево, штетата достигнува пет милиони евра е превземен од МАКФАКС.