Кој е надлежен да го реши сообраќајниот хаос кај зграда Промаја во Штип ?

Хаосот од паркирани возила на улица „Борис Кидриќ“ во Штип од ден на ден се поголем. Улицата кај зградата промјата секојдневно е блокирана односно возила се паркираат и по тротоарот и по обележаниот паркинг простор и по самиот коловоз. Од овде граѓаните реагираа до нашата редакција дека проблем ова претставува и за возачите и за пешаците. Дали има решение за ваквиот хаос ги прашавме од ЈП Стипион Штип. В.д. директорот Игор Ефтимов за М-Нет кажа дека тој паркинг простор не е доделен на ова претпријатие.

„Паркинг просторот кај промајата е слободен за паркирање. Овој паркинг не е доделен на Јавното претпријатие Стипион, што значи дека ние немаме овластување да наплаќаме за паркинг услугата овде, ниту да поставуваме блокатори. Тоа треба да ни се додели како одлука од Советот на Општина Штип“ – кажа Ефтимов.

Сообраќајниот инспетор во Штип, Оливера Блажева за проблемов истакна дека можат да дејствуваат само на тротоарите. Тоа значи дека можно решение е само поставување на метални столбови на левата страна од тротоарот со што би се задржал сободен просторот за минување на пешаците. Но, не е во нивна надлежност да ги блокираат возилата кои се паркирани на самиот коловоз, бидејќи така би се создал поголем хаос, кажа Блажева во телефонски разговор за М-Нет.

Ги контактиравме и од СВР Штип. Од таму истакнаа дека согласно секојденевните контроли кои ги прават во областа на сообраќајот се прави и контрола за непрописно паркирање. Меѓутоа, во оваа прилика и по реакција од граѓаните од полицијата додадоа дека контролите во овој дел од градот ќе се интензивираат, со цел да им се излезе во пресрет на барањата на штипјани.

Проблемот со паркирани возила кој каде нашол слободно место во овој дел од градот се провлекува подолго време, но решение се уште нема.

Лаура Стојанова М-Нет