Која е целта на поставените камери во приватни компании, што е законски, а што не е дозволено?

Поставување камера на работно место во денешно време е пракса. Речиси сите вработени во приватна фирма се сведоци на поставените камери во објектот каде што работат. Од една страна ова е во ред бидејќи станува збор за приватен објект на лице кое може да постави уреди за снимање. Меѓутоа, се поставува прашањето која е целта на поставени камери во приватните компании каде што работат граѓание. Дел од вработените реагираа до нашата редакција дека работодавачот ги користи камерите за да види кој вработен колку работи и што прави додека е на работното место.

Зошто се поставуваат камери во приватните компании и за која цел може да се постават истите, го прашавме правниот тим на здружението „Гласен Текстилец“ Штип.

„Самиот работодавач односно правниот субјект преставува приватна сопственост и е дозволено на работодавачите да поставуваат безбедносни камери, но сакам да напомена дека ова претставува камери кои се поставуваат во објектите од безбедносни причини односно поради сигурност во случај на поплави, пожари, а не да се снима работниот процес. Исто така забрането е поставување на камери во гардероба, во соблекувална или тоалети каде се откриваат интимните делови на човекот, тоа е строго забрането и казниво согласно Законот. “ – вели Николов.

Истовремено, не е дозволено камерата да биде озвучена со што би се слушале вработени што зборуваат. Од правниот тим на Гласен текстилец Штип додадоа дека не е дозволено работдавачот да ги злоупотребува уредите за снимање поставени во приватнио објект за заплашување на вработените дека не работат или премногу зборуваат, бидејќи истите имаат друга намена.

Лаура Стојанова М-Нет