
Со завршувањето на регуларниот дел во Првата кошаркарска лига се формира топ осум групата односно плеј-офот каде ќе се води битка за обезбедување на влез во Суперлигата.
Конкуренцијата ќе биде исклучителна силна, сите екипи имаат амбиции за влез во кошаркарската елита на Македонија, но место ќе има само за една екипа.
Од Суперлигата испаѓаат последните три екипи и со тоа елитното друштво од 12 екипи од следната сезона ќе брои десет, а со тоа како што е наведено во пропозициите, во Суперлигата ќе влезе првопласираната екипа од Првата македонска лига.
Регуларниот дел заврши и веќе се познати осумте екипи кои ќе играат во плеј-офот, односно најдобрите четири екипи од групата А и групата Б. Во топ осум групата од групата А место обезбедија Вардар, Мега Баскет, Водно Санс и Охрид, додека пак од групата Б тоа се Струмица ФМП, Соколи до Штип, Бутел и Борец.
Се работи за исклучително квалитетни екипи, со амбиции да обезбедат влез во Суперлигата. Сите екипи по квалитет се израмнети. Вардар и Мега Баскет во групата А завршија на делба на првото место со по 22 бодови, а пак Водно Санс и Охрид на делба на третото место со по 18 бодови.
За разлика од групата А во групата Б имаше голема неизвесност сите четири екипи Струмица ФМП, Соколи, Бутел и Борец Баскет имаат по 21 освоен бод и максимално израмнети влегуваат во топ осум групата.
Неизвесно ќе биде и за опстанок каде Црн Дрим, Тетекс и Младинец од групата А односно Овче Поле од Свети Николе, Ролинг Струмица и Спортисимо Баскет од групата Б ќе се борат за опстанок во Првата лига, последнопласираната екипа ќе испадне во Аматерската лига која е Трета лига по ранг на натпреварување.
По тоа што се одигра во регуларниот дел Младинец и Спортисимо Баскет прикажаа најлош учинок од 12 порази од толку натпревари односно немаат ниту еден позитивен резултат, па ќе ги очекува тешка борба за опстанок.
Александар Ванев, М-Нет