
Алармантна состојба во редовите на најтрофејниот македонски кошаркарски колектив. Играчи и членови на стручниот штаб на КК Работнички излегоа со јавно и недвосмислено соопштение во кое реагираат на, како што велат, „крајно неприфатливата и понижувачка состојба“ во која се наоѓа тимот, обвинувајќи ги раководството и локалната власт за игнорантски однос и непочитување.
Во реакцијата се наведува дека со месеци наназад алармирале за сериозноста на проблемите, но наместо конкретни решенија, добивале молк и празни ветувања. На играчите, според нивното тврдење, им се должат дури осум плати – ситуација што директно ја загрозува нивната егзистенција и достоинство како професионалци.
„Ова не е само финансиски проблем, туку системско непочитување на луѓето кои го претставуваат клубот“, стои во соопштението, во кое дополнително се потенцира дека тимот функционира во недостоинствени услови – без основна опрема, без соодветна логистика и со постојана неизвесност околу организациските прашања.
Особено загрижувачки, како што наведуваат, е фактот што на одредени гостувања биле оставени без сигурен превоз, па дел од трошоците ги покривале навивачите. „Ова е срам за клуб со ваква историја и реноме“, порачуваат кошаркарите.
Дополнителна горчина предизвикал и моментот кога ниту играчите ниту стручниот штаб не биле поканети на официјалното отворање на реновираната сала – нивната спортска „куќа“. Според нив, тоа е јасен показател за недостигот од почит кон оние кои секојдневно го бранат угледот на Работнички.
Во соопштението јавно се констатира дека ветувањата дадени од градоначалникот не биле исполнети, додека спортскиот директор, како што тврдат, со недели не одговарал на повици и пораки, со што практично ја прекинал комуникацијата со тимот.
Играчите и стручниот штаб упатуваат и јасна порака: доколку во најкраток можен рок не бидат подмирени заостанатите обврски и не се преземат конкретни чекори за стабилизација на клубот, тие нема да настапат на следните натпревари. Одговорноста, велат, ќе ја сносат раководните структури и институциите кои дозволиле клубот да дојде до ваква состојба.
„Не бараме привилегии, туку основни услови за работа, почит и исполнување на договорените обврски“, порачуваат од таборот на Работнички, додавајќи дека секое понатамошно игнорирање ќе значи директно нарушување на спортскиот интегритет на клубот.
Ситуацијата во „Градски парк“ отвора сериозни прашања за иднината на еден од симболите на македонската кошарка. Јавноста сега очекува итна и транспарентна реакција од надлежните, во интерес на вистината, навивачите и македонската кошарка во целина.