Кочанчани излегуваат на „депонијада“, ќе протестират 24 часа неделно против загаден воздух

Кочанчани повторно излегоа на протест заради постојаното чадење на градската депонија. Овојпат како што велат ќе ги блокираат возилата кои носат смет на депонијата, вклучувајќи ги и возилата на КЈП Водовод и блокадите ќе бидат целодневни додека некој не ги свати сериозно нивните барања. Бараат депонијата да се порамни и да се третира со алги, да се огради просторот околу неа и да се постави видео надзор. Дополнително бараат да се забрани депонирање на отпад од околните општини Виница, Чешиново-Облешево и Зрновци.

„Значи, 24/7, организираме драѓи сограѓани „депонијада“. Подобро да биде весело, отколку да биде тажно како што се тажи наназад ретроактивно шесте месеци со енормно зголемен број на заболени наши млади и стари сограѓани како лоша рефлексија од депонијата. Овој „бал“ ќе се пренесе во сечии дом. Нема назад, дали ќе бидеме илјада, сто, десет или само еден, мора Кочани да се исчисте. Ние покажуваме разум, само ги блокираме возилата за дотур на смет. Свесни сме за ризикот, ама мора да покажеме радикализам за некој сериозно да не сфати.“ – вели Стоименова.

Од КЈП Водовод Кочани пак истканаа дека Механизацијата на „Бехтел и Енка” и на фирмата „Калина”, ангажирана од Општина Кочани, работи интензивно на средување на состојбата на Градската депонија во Кочани.

„Службите известуваат дека денеска се искористени 900 тони земја за мешање со заостанатите количини отпад. Работите се насочени кон подготовка на теренот на депонијата за третман со алги.

По доведувањето на ѓубриштето во состојба поволна за примена на природен третман на согорување, Комуналното јавно претпријатие „Водовод” ќе го повика економскиот оператор избран на тендер да ја спроведе договорената мерка што ќе го спречи натамошното аерозагадување.

Конзорциумот „Бехтел и Енка” одговори позитивно на упатениот повик од Општина Кочани до општествено одговорни компании за итна интервенција со механизација којашто ќе ја спречи еколошката катастрофа што му се закануваше на Кочани. Работите ќе продолжат сѐ додека целосно не се врати во нормала функционирањето на Градската депонија во Кочани“ – велат од претпријатието.

Кочанската градска депонија е долгогодишен проблем за жителите кои постојано го дишат загадениот воздух од запалената депонија, а денешниот е уште еден од низата протести за дислокација на истата.

Лаура Стојанова М-Нет