Кочанската библиотека годинава беше домаќин на Републичкиот натпревар „Млади библиотекари“

Кочанската библиотека „Искра“ беше домаќин на Републичкиот натпревар за млади библиотекари кој го организира Библиотекарското здружение. Народните библиотеки организираат општински натпревари за членовите до 14 годишна возраст односно учениците од основно образование. Победниците на општинските натпревари имаат право да учествуваат на Републичкиот натпревар.

„Натпреварот млади библиотекари се одржува секоја година во организација на Библиотекарското здружение на Македонија, на којшто присуствуваат првонаградените на општинските натпревари од градовите во Македонија“, истакна Кристина Ѓорѓиевска, директорка на ЈОУ Библиотека „Искра“ – Кочани.

На натпреварот се доделија награди за прво, второ и трето место, а претседателката на Библиотекарското здружение посочи дека се задоволни од резултатите и покажаните знаења на младите библиотекари.

„Тоа што го очекувавме, го добивме.Имаше 26 ученици од основните училишта низ државата. Сега ќе ги доделиме првите три места кои се во форма на вредносен ваучер и соодветна литература за нивната возраст и, нормално, сертификати за сите ученици и нивните ментори, така што во целост ги исполнивме нашите очекувања и голема благодарност до домаќинот, Библиотеката „Искра“ и директорката Кристина Ѓорѓиевска“, истакна Јана Михајловска, претседателка на Библиотекарското здружение на Македонија.

Натпреварот „Млади библотекари“ започна да се организира во 2000 година со цел популаризација на библиотечната дејност кај најмладата популација, односно кај членовите на училишните библиотеки во Македонија. Првиот Републички натпревар се одржал во Берово со учество на 9 претставници од народните библиотеки.

Ребека Спасова М-Нет