Коцевски: Над 18 милијарди денари за општините, Владата продолжува со силна поддршка за капитални проекти

По резултатите што веќе ги дава првиот јавен повик за поддршка на општините, Владата продолжи со втор јавен повик за уште посилен инвестициски циклус и подобрување на условите за живот на граѓаните, истакна Зоран Коцевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.

Со двата повика Владата, појасни тој, им стави на располагање 18 милијарди и 449 милиони денари од унгарскиот кредит на единиците на локалната самоуправа за реализација на инфраструктурни и капитални проекти од директно значење за граѓаните.

Ова, како што вели, претставува сериозна финансиска можност за општините, но уште поважно е што покажува дека поддршката на локалната самоуправа не е еднократна мерка или краткорочна политика.

Според него, станува збор за воспоставен модел во кој државата преку децентрализација на централниот буџет обезбедува финансиска поддршка, каде општините ги подготвуваат и предлагаат проектите според реалните потреби на граѓаните, а резултатот треба да биде подобра инфраструктура и поквалитетни услови за живот.

„Ова е особено важно за помалите општини, кои често имаат реални и сериозни инфраструктурни потреби, но немаат доволно финансиски капацитет самостојно да реализираат поголеми капитални инвестиции. Токму затоа улогата на државата е да помогне таму каде што е потребно и да создаде услови развојот да биде порамномерен низ целата територија на државата.

Па така, со помошта на Владата во Гази Баба се инвестира во детска градинка во Инџиково и спортска сала во основното училиште во Црешево, со што се создаваат подобри услови за најмладите.

Во Центар се реконструира спортската сала „Работнички“, во Бутел се уредува и заштитува речното корито на Серава, а во Чаир се гради водоводна и атмосферска мрежа во населбата „Дижонска“.

Во Гевгелија се реконструира Старата чаршија, што има значење и за локалното културно наследство и за развојот на градот, додека во Аеродром се уредува јавната површина зад ТЦ „Капитол“.

Во Охрид се гради катна гаража со која ќе се реши деценинскиот проблем со недостигот на паркинг места во туристичкиот бисер, во Ресен се реконструираат улици и се градат пешачки патеки, додека општина Кавадарци доби нов модерен базен.

Општина Ѓорче Петров со владините средства ќе гради нова детска градинка, општина Тетово ќе гради водоводна мрежа во населбата Вонвардарска и ново средно училиште, Демир Капија ќе реконструира фудбалско игралиште и ќе гради нов тениски терен.

Виница доби средства за партерно уредување на просторот кај градскиот пазар, Конче за фотонапонска централа на кровот на општинската зградата, додека Куманово за изградба на краци за секундарна гасоводна мрежа на неколку улици“.

Токму таквите инвестиции, оценува, имаат најдиректен ефект врз секојдневниот живот на граѓаните, зошто тие секој ден ги користат улиците, училиштата, јавните установи и комуналната инфраструктура.

Затоа, посочува дека е важно јавните средства, како што се и средствата од унгарскиот кредит, да бидат насочени токму кон решавање на проблемите кои граѓаните ги чувствуваат секој ден.

„Политиката на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ е развојот да не остане концентриран само во најголемите градови, туку секоја општина да има можност да напредува, да инвестира и да ги решава проблемите што со години останале нерешени“.

Текстот (Видео) Коцевски: Над 18 милијарди денари за општините, Владата продолжува со силна поддршка за капитални проекти е превземен од МАКФАКС.