Коронавирусот влезе и во текстилните компании во Свети Николе

Од денес престануват да работат две текстилни компании во Свети Николе, со вкупно вработени 830 лица. Почнат е скрининг на вработените, од до сега тестираните 210, позитивни се 19 вработени. За актуелната состојба со корона вирусот во Свети Николе се огласи градоначалникот Сашо Велковски преку својот фејсбук профил :

-„Врз основа на новодобиените информации за бројот на заболени од КОВИД-19 и препораките од Министерството за здравство и Кризниот штаб на општина Свети Николе, менаџментот на фабриката Мода АД и Камотекс ДООЕЛ одлучи, од денес 10.07.2020 (петок) да се затворат погоните на фабриките со цел намалување на ризиците од ширење на коронавирусот во истите во наредните денови.Воедно , добивме и информација дека сите 830 вработени ќе бидат подложени на скрининг тест со цел утврдување на точната бројка на број на заболени лица и секако спречување на ширење на заразата.Вкупната бројка до денес на заболени од КОВИД-19 во нашатата општина е 79 лица.И понатаму апелирам до сите граѓани, да се придржуваат на мерките и препораките на Министерството за здравство и Владата за соодветна заштита од коронавирусот“ – стои во статусот на Велковски.

Сопственикот на конфекциите, Ангел Димитров за mnet.mk изјави дека скринингот на сите 830 вработени е на негов трошок и иницијатива. Скринингот треба да заврши до понеделник, а од четврток ќе се вратат на работа сите кои имаат негативни тестови. Димитров вели дека сите превентивни мерки во двете текстилни компании се почитуваат, три инспекции го потврдиле тоа, но вирусот се шири, според него, делумно и како резултат на непочитувањето на препораките од страна на дел од вработените.

Славица Величковска