
Македонската компанија „Пиксајл“ на штипјанката Светлана Кордумова-Трајанова ги доби своите канцеларии во Штип. По петгодишната работа за усовршување софтвер што се базира на вештачка интелигенција за потребите на модната индустрија, тимот ќе расте заеднички, на едно место, и ќе ги усовршува можностите кои ги нуди компанијата. Дел од отворањето беа и претставници од Холандската амбасада, а во оваа прилика Кордумова посочи дека целат кон уште повисоко ниво.
„„Пиксајл“ постои на пазарот веќе пет години. Ние сме ИТ-компанија којашто работи со вештачка интелигенција и препознава облека и обувки, сѐ што е поврзано со мода во слики. Имаме клиенти веќе во 15 земји во светот и во последнава година доста пораснавме. Лани ја добивме првата голема инвестиција, оваа година сме фокусирани на развој на тимот и освен тоа што го растевме тимот вирутелно, сега во канцелариите може да го почувствуваме и тој физички раст, сите да се собереме денес и да прославиме, како со тимот, така и со надворешни пријатели и поддржувачи коишто ни помогнаа да стигнеме до овде“, истакна Кордумова.
Компанијата „Пиксајл“ важи за компанија која брзо се развива, па во последнава година го има зголемено бројот на вработени од 30 на 50. Неодамна доби инвестиција од еден милион евра која ќе се користи за нови понуди кои ќе бидат персонализирани за секој бизнис модел, како и за пробивање на пазарите низ Европа и САД. По ова, вели Кордумова, тимот дополнително ќе се проширува.
„Моментално имаме 52 вработени од различни области: маркетинг, продажба, развој на софтвер… И цело време вработуваме, така што би ги охрабрила сите млади коишто работат во ИТ-област, студенти коишто завршуваат, да ги следат отворените огласи кај нас на веб-страницата, да аплицираат и да бидат дел од тимот“, додава Кордумова.
„Пиксајл“ соработува со модни брендови и „онлајн“ продавници повеќе земји, меѓу кои се Шпанија, Холандија и Данска. Користењето на технологијата помага да се реши проблемот на пребарување и да се подобри корисничкото искуство на нивните купувачи, бидејќи кога купувачите не можат лесно да го најдат производот, бизнисите губат на продажба.
Ребека Спасова М-Нет