
Колегиум, средби со раководители на сектори, со лице од КЈП Водовод, и подготовки за официјалниот прв работен ден на новиот в.д. градоначалник на Општина Кочани, Венко Крстевски. Вели дека ситуацијата во општината е лоша, согласно фактот дека е без градоначалник речиси еден месец откако се случи трагедијата во дискотеката. Но, се очекува со заедничка работа да се да се промени моменталната ситуација во Кочани, претпријатието да добие директор, а со потпис на новиот в.д. градоначалник вработените во општината, но и во институциите под општинска капа да добијат плата до празниците.
„Треба да се завршат неколку бирократски процедури и се надевам дека од утре ќе можам да ја извршувам функцијата в.д. градоначалник. Имавме неофицијален колегиум на кој присуствуваат раководители на сите сектори и лице од КЈП Водовод. Запознаен сум начелно со состојбата во општината и во претпријатието. Нормално дека е лошо, но на нас сите останува заеднички да работиме и да ја промениме таа сосотојба.“ – вели Крстевски.
Крстевски уште вчера кога практично беше избран за в.д. градоначалник, посочи дека е време за работа и обединување. Во склоп на тоа очекува добри резултати наредниот период, со што општината повторно ќе биде на стабилни нозе.
Венко Крстевски функцијата в.д. градоначалник на Општина Кочани ќе ја извршува до наредните Локални избори во месец октомври годинава. Тој дојде на местото на Љупчо Папазов кој си поднесе неотповиклива оставка ден по трагедијата во кочанската дискотека. Венко беше советник во Советот на Општина Кочани два мандати како независен кандидат.
Инаку, неговото место останува празно бидејќи функцијата му се става во мирување.
Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет