
Кожниот карцином се почесто застапен кај граѓаните од Источниот дел од државата. Ако некогаш овој вид карцином бил ретка појава, сега се појавува се почесто вели единствениот онколог во овој дел од државата, доцент доктор Марија Караколевска-Илова. Додава дека причина за ова е изложеноста на сонце кај пациентите.
„Карактеристично е дека во Источниот дел на Македонија се повеќе се појавуваат кожните карциноми на експонирани делови на сонце. Земајќи ја во предвид професијата со која се занимава овој дел од населението, а тоа во поголем дел е земјоделско население, изложено на сонце. Но она што е загрижувачко е повисокиот процент на појава на малиген меланом на кожата кој е еден од најагресивните карциноми.“ – вели Караколевска-Илова.
Најмладиот пациент со овј вид на карцином е 30 годишна жена. Праксата од претходно покажува дека се намалува и старосната граница. Ако претходно најризични биле пациентите од 50 до 60 години, сега возрасната граница се намалува на 40 или 30 години.
„Најмладиот пациент кој сум го имала со карцином на кожата е една 30 годишна жена, од карцином на колом тоа е 35 годишен маж, и карцином на дојка 24 годишна девојка. Иако ние ги знаеме теоретските можности за појава на секој карцином сепак сега се повеќе гледаме отстапки во однос на возраста кога тие се појавуваат“ – додава Караколевска-Илова.
Кога е во прашање свесноста на пациентите за своето здравје, Караколевска-Илова вели дека се бележи степен на подобрување, но сепак потребно е и поголема едукација. Кампањата за рак на дојка дава резултати, па честопати се открива карциономот на дојка во ран стадиум и во 95% од случаите истиот се лекува.
Лаура Стојанова М-Нет