Кико Митев Штипскиот „Робинзон Крусо“ во авантуристички поход на Латинска Америка (прв дел)

По професија е новинар кој со своето перо, па и со својата камера знаеше да навлезе длабоко во суштината на тематиката на прилозите и да им ги долови на гледачите. Кико Митев „бунтовник без причина“ го прошета развиениот европски континент, но во неговата психа чмаеше идеајата за откривање на некои нови светови, безгрижни пустоловини зачинети со волшебни природни реткости и убавини. И се реши, изборорот на Кико Митев беше Јужна или Латинска Америка, по врвиците на Андите или Кордилерите, по обичаите, носиите, градбите на најстарите цивилизации, Ацтеките, Маите…

И на 11 јануари падна одлуката, која во синоќашниот разговор ми ја долови Кико Митев кој во стилот на некогашните парни локомотиви полека, но содржајно ја расплете својата животна цел и програма.

„Го откажав станот во близина на Лондон и со заштедените пари си купив карта за во еден правец – Богота, Колумбија. Тргнав да ги истражувам овие луѓе, да дознаам за некогашните империи на овие простори, но и да научам нешто повеќе за себе си – ќе рече Кико и ќе продолжи: „Знаев дека по ова патување повеќе нема да бидам истата личност и таа промена ми беше и повеќе од потребна“.

По 12 часовен лет Кико пристигна во Богота, во која познатата Канделарија ќе му биде репер или најава за се што ќе следи понатаму по целиот континент. Музика на улица, многу среќни лица, ефтино овошје и зеленчук и луѓе кои помагаа во секој поглед.

Потоа следува патување кон југот на Колумбија, Кали како што ќе рече Кико, главниот град на Салсата, потоа Попајан и Ипиалес за да својата авантура ја продолжи во Еквадор. Земја распослана по Андите со рајски поглед кон Пацификот, со многубројни планински врвови, вулкани, езера, водопади. Еквадор, вели Кико, е земја за сечиј џеп со неверојатно евтин превоз и со можеби најдобрите патишта во овој дел на Латинска Америка.

Младешките лудории, безвременските забави на пацифичката обала до раните утрински часови, искачувањето кон вулканите се природен инстикт и волшебен магнет за да човек повторно се наврати на овие убавини. Но, вели Кико, овде и тука не завршуваат убавините, патот го води кон исконскиот почеток на светските цивилизации за чии градби се зборува насекаде а се гледаат и од вселената.

Перу, татковина на древните Инки, е на хоризонтот на Кико Митев. Но за Перу и за новите авантури, доживувањата, згодите и незгодите ќе следи во вториот дел.

Драги Герасимов – Пушка