Карбинци како фаворит ќе го пречека Малеш, Овче Поле гостува во Зрновци

Екипата на Карбинци како фаворит на домашен терен ќе го пречема тимот на Малеш од Берово, во рамки на 6. коло на Трета лига – Исток. Домашниот терен и подобрата форма е голема предност за тимот на Карбинци во однос на гостинот од Берово кој по серијата порази во претходното коло стигна до првите бодови славејќи над Тиверија, која пак во оваа коло е слободна.

Во Делчево силите ќе ги одмерат Брегалница и поранешниот вицешампион на Македонија, екипата на Хоризонт Турново, во меч кој ќе биде неизвесен, а домаќинот ќе се обиде да го искористи домашниот терен и поддршка од верната публика за да дојде до нов триумф. Турново има квалитетен тим и има одличен старт во новата сезона, па во Делчево оди по три бодови и со тоа да го продолжи патот кон баражот за можен влез во Втора лига.

Ударник во Пирава ќе го одмери силите со екипата на Рудар, каде домашниот тим ќе биде фаворит против гостинот од Пробиштип, кој ќе сака враќање на победничките патеки на терен каде тешко се освојуваат бодови.

Екипата на Светлост е единствената која е на дното од табелата без бодови, а сега бодови ќе бара во петиот за нив меч против Овче Поле. Гостинот од Свети Николе со два порази во низа има идеална шанса во Зрновци да се врати на победничките патеки.

Непоразениот лидер Победа ќе го пречека тимот на Дојранско Езеро на Градскиот стадион во Валандово, натпревар кој сигурно одново ќе го наполни стадионот со публика, а Победа ќе ја има улогата на фаворит.

Александар Ванев, М-Нет