
На 17 август со натпреварите од првото коло ќе започне новата сезона 2025/2026 во Првата женска фудбалска лига.
Ждрепката која беше извлечена го утврди распоредот за новата сезона со што се познати двојки.
Во првото коло екипата на Каменица Саса ќе гостува кај Речица, повратникот во елитата Кочани ќе гостува кај Скопје во Пржино, Топ Гол во Битола ќе ја пречека Тиверија Брера, Ас Јунајтед ќе биде домаќин на Атлетико, а пак шампионот Љуботен ќе игра против Истатов.
Во однос на дерби натпревари кои ќе ги има во есенската полусезона – веќе второто коло го носи дербито во Македонска Каменица помеѓу поранешниот шампион Каменица Саса и актуелниот шампион Љуботен.
Со враќањето на Кочани во Првата лига ќе гледаме и дерби на Истокот, а првото ќе биде во рамки на седмото коло меѓу Каменица Саса и Кочани во Македонска Каменица, иако разликата во квалитет е на страната на тимот од малото рударско гратче, сепак за овој регион ќе биде дерби натпревар.
Во шестото коло ќе се соочат Тиверија Брера со Каменица Саса како дерби на колото, а во седмото коло дербито ќе биде во Тетово меѓу Љуботен и Тиверија Брера.
Оваа сезона ќе биде доста неизвесна со оглед на тоа што ќе бидат повеќе екипи израмнети, па се очекува да донесе многу повеќе возбудливи натпревари, дерби натпревари.
Есенската полусезона е предвидено да заврши на 23 ноември со натпреварите од 14. коло, а пак пролетната полусеозна е предвидено да започне на 25 март 2026 година со натпреварите од 15 коло.
Колку за потсетување од Првата женска фудбалска лига директно испаѓа последната екипа, а пак претпоследната екипа игра бараж за опстанок со екипата која ќе биде на втората позиција во Втората женска фудбалска лига, каде речиси сигурно прволигаши и ги добиваат овие бараж натпревари за опстанок со оглед на разликата во квалитетот меѓу прволигашите и второлигаши.
Александар Ванев, М-Нет