Како Берово и Штип ќе се „борат“ со високите сметки за електрична енергија?

Високите сметки за електрична енергија директен удар врз општините. Во Берово ќе се врши редукција на уличното осветлувње, односно уличните светилки ќе светат преку една. Градоначалникот Звонко Пеќески истакна дека ова е предложено со цел да се заштеди електирчна енергија и сметките да не бидат енормно високи.

„Сметките за електрична енергија се енормно високи и доколку не штедиме ситуацијата ќе биде многу полоша. Има две алтернативни решенија, или граѓаните да плаќаат повисока комунална такса или да се редуцира уличното осветлување. Ова е сѐ уште само предлог, бидејќи треба да помине на седница на Советот. Градот нема да биде оставен во мрак, само ќе се намалат светилките по улиците, за да може да се инвестира и во други капитални проекти, а не парите да се трошат само за сметките за струја.“ – вели Пеќески.

За разлика од Берово, во Општина Штип нема да се штеди преку вакви методи истакна првиот човек, Иван Јорданов. Според него во Штип светилки ќе се постават и на улици кои никогаш досега не биле осветлени, бидејќи градот и граѓаните го заслужуваат тоа.

„Општина Штип е една од најпогодените од енергетската криза. Сметките кои доспеваат во јавните претпријатија и општината по новата цена на струјата се неколкукратно поскапи од годините наназад. Но, тоа не е причина да ние штедиме на штета на граѓаните туку јавно кажувам дека Општина Штип ќе биде дополнително осветлена и со нова инфраструктура“ – кажа Јорданов.

Според Јорданов има многу други ставки и работи на кои општината треба да заштеди, бидејќи уличното осветлување е основна и елементарна потреба на граѓаните.

Инаку во изминатиот период во Берово 50% од уличните светилки се заменити со високо енергетски светилки кои штедат електирчна енергија, додаде Пеќески.

Лаура Стојанова М-Нет