
Казна затвор од 4,5 години е пресудата на штипскиот Основен суд за второобвинетиот во сообраќајната несреќа кај населбата Балканска. Денеска судијата Ацо Тасев одлучи по основ на целата доказна постапка која заврши на судењето во понеделникот, кога беа искажани и завршните зборови против еден од обвинетите. За второобвинетиот одлуката за затворска казна е донесена врз основа на супервештачењето во кое се вели дека обвинетиот има придонес во сообраќајната несреќа со смртни последици на две лица кои се сопружници. Тој досега беше во притвор, а останува во куќен притвор до правосилноста на Одлуката на Судот. Второобвинетиот не призна вина, а за првообвинетиот претходно беше донесена пресуда со казна затвор од пет години, за која олеснителна околност беше признавањето вина. Според супервештачењето, возилата на обвинетите се движеле со брзина од 130 километри на час.
Инаку, сообраќајната несреќа се случи на 31 мај 2022 година меѓу возила „југо“ и „опел астра“, а на лице место починаа две лица. Според Основното јавно обвинителство, кое издаде Наредба за спроведување истражна постапка, двајцата обвинети ја предизвикаа сообраќајната несреќа со тоа што со брзина поголема од максимално дозволената се движеле по улицата „Брегалничка“, еден позади друг. Доближувајќи се до крстосница, наместо да ја намалат брзината, едното возило започнало да го претекнува другото и навлегло во коловозна лента за сообраќај од спротивна насока. Возачот на автомобилот „југо“ се обидел да го избегне автомобилот кој му доаѓал во неговата лента, но притоа директно удрил во другиот престигнуван автомобил.
Ребека Спасова М-Нет