
Усвоен е Амандманот за обезбедување средства за поставување заштитна ограда на река Отиња од левата страна, од ЈП „Исар“ до вливот кај река Брегалница кај Ново село. Овој Амандман е усвоен на десетиот ден на расправата за ребалансот, а истото претеникот Никола Мицевски од редовите на ВМРО ДПМНЕ го објави и на својот фејсбук профил.
„На наше инсистирање се прифати Амандманот за обезбедување на 7 милиони денари или околу 114 илјади евра за поставување на заштитна ограда на река Отиња од левата страна низводно, од ЈП „Исар“ до вливот во река Брегалница кај Ново Село. Имено, со ова ќе се заокржи една целина. Како што знаат и граѓаните, во 2019 година успеавме со ребаланс на буџетот да издвоиме средства за да се постави иста таква ограда од десната страна. Поставувањето на оградата од десната страна беше општо добро, прифатено од граѓаните, како од безбедносен аспект, така и од естетски аспект за самиот град“, истакна Никола Мицевски, пратеник од ВМРО ДПМНЕ.
Мицевски истакна дека Општина Штип треба да има проект со што веднаш ќе започне поставувањето на оградата.
„Се надевам дека Општина Штип има проект за да може веднаш да организира и да започне со поставување на оваа ограда, затоа што сме во еден предизборен период и со распишување на изборите, а, секако, и со предизборните активности за локалните избори во Републикава, а и во Штип, овие активности ќе бидат намалени, така што се надевам дека ќе успееме да ги искористиме овие средства, затоа што тоа се буџетски средства коишто треба да бидат искористени до крајот на годинава“, додаде Мицевски.
Инаку, ограда покрај коритото на река Отиња има поставено од десната страна, а сега ќе биде ставена и од левата. Голема важност поставувањето на оваа ограда има и за лицата со оштетен вид кои имаат вистинска потреба од истата. Мицевски истакна дека на средба со граѓани и здруженија уште во 2019 година имало барање од лицатата со оштетен вид да се постави ограда и тој е задоволен што успеал на некој начин да помогне и да го олесни нивното движење. Мицевски додаде дека и во иднина ќе се работи на олеснување на животот на лицата со оштетен вид во движењето со поставување соодветни патеки, знаци и слично.
Лаура Стојанова МНет