
Трибината на стадионот во Штип е далеку од готова и од официјално пуштање во употреба. Финалниот рок за завршување на сите работи и технички прием на западната трибина е до 31 јули 2025 година, после тој рок, доколку не се исполнат барањата, ФФМ ќе презeде мерки и чекори во согласност со законот.
Имено, пред неколку години УЕФА со својата „хет-трик“ програма преку Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) додели средства за реконструкција на стадионот во Штип.
Авансот од ФФМ е земен од фирма од Кичево која е задолжена за изградба на трибината, а досега се потрошени 2,3 милиони евра, а трибината е далеку за да може да биде предадена и да има технички прием до 31 јули 2025 година.
Изградбата на трибината започна во март 2021 година, кога беше означен почетокот на изградбата. Според најавите тогаш, новата трибина треба да ги задоволува сите критериуми на УЕФА за одигрување на меѓународни натпреварувања во чии рамки треба да бидат изградени технички и лекарски простории, ВИП простор, застаклена кабина за ТВ коментаторски позиции и платформи за лица со посебни потреби.
Тогашниот претседател на ФФМ, Муамед Сејдини во месец март 2021 година во изјава за М Нет телевизија истакна дека завршната фаза на трибината треба да биде готова за 18 месеци.
„Завршната фаза би требало да биде за 18 месеци. Така да тоа што сме го кажале на почетокот дека ќе почнеме со изградба, може малку задоцнивме за неколку недели меѓутоа и временски прилики не даваа можност за да почнеме со иградбата навреме. Така да, среќен сум што денес ја започнуваме работата за трибината, која што ќе ги има сите пропатни материјали, која е фудбалската федерација ќе биде логистика за целокупната работата околу изградбата на западната трибина на Градскиот стадион во Штип“, рече Сејдини во месец март 2021 година.
Од општина Штип истакнаа дека изградбата на трибината е обврска на Фудбалска Федерација на Македонија.
„Изградбата на трибината е обврска на Фудбалска Федерација на Македонија и додека не завршат градежните активности на трибината на Градскиот стадион во Штип, не може да се направи технички прием, за да започне иградбата на другата трибина. Кога западната трибина ќе биде завршена, тогаш општина Штип ќе ја преземе обврската за втората трибина односно за нејзина изградба, а по истата пак ФФМ треба да постави монтажни трибини позади головите и на тој начин стадионот во Штип да има трибини од сите страни“, велат од општина Штип.
Тоа значи дека додека западната трибина не биде готова во целост, изградбата на другата трибина не може да започне.
31 јули е блиску, а што ќе се сработи до тогаш и што ќе се превземе останува да видиме.
Александар Ванев, М-Нет