Интересот за прва доза вакцина го надмина интересот за трета во општините од Истокот

После подолго време во Кочани интересот за прва доза вакцина го надмина интересот за трета доза, иноформираат тамошни надлежни медицински лица. Ако претходната недела бројот на вакцинирани со прва доза дневно се движеше едвај до 30 граѓани, само денеска се вакцинирани 70. Доктор Иле Постолов, во телефонски разговор за М-Нет телевизија вели дека виновник за зголемениот интерес кај граѓаните се предложените нови ковид мерки за невакцинираните. Моментално во Кочани се боцка само со вакцината фајзер.

„Вакцинацијата во Кочани се одвива непрестано, така да денеска веќе можеме да кажеме дека интересот за прва доза го надмина интересот за трета доза, најверојатно заради донесувањето на мерките за сертификати, со тоа што денеска имаме 70 пациенти вакцинирани со прва доза, додека за трета доза имаме 50 пациенти“ – кажа Постолов.

Зголемен интерес за вакцинација со прва доза е забележан и во вакциналниот пунк во Штип, каде што на столче за вакцина за прв пат седнуваат за 100% повеќе граѓани споредбено со претходната недела.

Според информации од министерството за здравство вакцинацијата се одвива непречено н сите пунктови во државата. Досега вкупно се аплицирани 1.666.261 дози вакцини, а ревакцинирани се 787.837 граѓани, трета доза вкупно примиле 59.735 граѓани. 58% од полнолетното население е вакцинирано со една доза вакцина, a 48% од полнолетното население е вакцинирано со две дози вакцини.

Лаура Стојанова М-Нет