Интересот за пеливанството е се поголем во Штип и регионот, „Трофеј Штип“ даде голем ефект за промоција на овој спорт

Од ден во ден има се поголем интерес за пеливанството како спорт, една од причината за зголемиот интерес беше и одржаниот турнир во пеливанство „Трофеј Штип“, каде штипјани и сите од околните места можеа да се запознаат одблиску со овој спорт, кој е близок до борењето слободен стил.

Една од целите на „Трофеј Штип“ кој го организира искусниот Дејан Митров е да се промовира овој спорт во Штип и регионот, а како што вели за М Нет телевизија интересот е голем и кај младите.

„Јас генерално како еден од организаторите на „Трофеј Штип“ сум презадоволен од тоа како се претстави овој спорт во Штип. Интересот е се поголем и поголем. Морам да потенцирам дека младите масовно сакаат да учествуваат и покажуваат интерес, тоа најчесто се борачи кои спортуваат во нашиот клуб Балканец и паралелно сакаат да се натпреваруваат во пеливанско борење. Тука би го издвоил фактот дека и многу луѓе кога заврши „Трофеј Штип“, се понудија и ме радува тоа дека сакаат многу луѓе да помогнат веќе за следната година и верувам дека со поддршка од локална самоуправа, поддршка од бизнис секторот следната година ќе биде уште помасовен и поквалитетен. Така ќе се надоградуваме од година во година“, вели Митров.

Најмладиот член во пеливанскиот клуб на Дејан Митров има девет години што е пример дека интересот за овој спорт кај младите е голем.

„Најмладиот член има девет години, кој активно се занимава со борење, а најстариот член може да се каже дека сум јас“, ни изјави искусниот Митров.

Митров вели дека овој спорт ќе доживее експанзија, а како што додава тој единствена цел е младите да се тргнат од пороците на модерното време.

„Зборувајќи според она што го гледаме на терен и она што се случува околу нас колку е разбудена свеста и интересот за овој спорт јас гарантирам дека овој спорт ќе доживее една експанзија и со тоа единствена цел ние младите да ги отргниме од пороците и да ги насочиме на правилен начин на живот, во сала на тренинг, за да се спасат од секојдневните пороци кои за жал не’ опкружуваат премногу“, додава Митров.

Меѓународниот пеливански турнир „Трофеј Штип“ ќе продолжи и следната 2026 година.

„Дефинитивно „Трофеј Штип“ прераснува во традиција и од година во година ќе се трудиме и ќе се вложиме максимално да биде што подобар и помасовно организиран турнир“, заклучува Митров во изјавата за М Нет.

Пеливанството е традиционален спорт и вештина и како своевиден културен артефакт со над пет вековна традиција во Македонија со длабоки корени и традиција е една од највредните спортски традиции во нашата држава и на Балканските простории.

Александар Ванев, М-Нет