
Штип од неодамна го доби првиот професионален билјард клуб, а идејата за формирање на истиот е на Љупче Козарев и Кире Донев. Во нивното гостување во спортскиот магазин Трибина на М Нет телевизија, Козарев вели дека отсекогаш имаше идеја за формирање на билјард клуб.
„Идејата за наш клуб со Кире од секогаш била дури ние цело време и наоѓавме некои тип на маси, со цел да ги ставиме во наши простори, но секогаш имавме проблем со наоѓање на простор и така до пред две години кога за првпат се појавивме на професионален државен турнир во билјард, видовме дека ние сосем на различни маси играме и сфативме дека наши кои ги користиме тука во нашиот град се помали во димензија, додека професионалните се поголеми. Кога се појавивме првпат на турнир веќе сфативме дека сакаме да најдеме нешто попрофесионално и почнавме да пребаруваме и ја најдовме идеалната маса според нашите услови. Ја договоривме истата и започнавме да бараме простор. Кога најдовме простор тогаш ја зедовме масата ја сместивме и започнавме да го реализираме тој план“, вели Козарев.
По основањето на билјард клубот Штип интересот за овој спорт започнува да се зголемува во Штип.
„Билјардот се’ уште сериозно не се сфаќа во нашиот град, но пополека откако ние веќе го отворивме нашиот клуб интересот се зголемува, малку но значително. Значи гледаме има интерес се пријавуваат да бидат членови во нашиот клуб млади дечки, повозрасни љубители на спортот и секој кој има желба нешто повеќе да научат и напредуваат“, додава Козарев.
Засега нема интерес кај понежниот пол за билјард, но како што вели Козарев на последниот турнир на кој учествувале во Скопје, за првпат имало пријавено и девојка.
„Сега за сега во нашиот град нема, но на овој турнир што бевме минатата недела во Скопје, за првпат имаше учество девојка мислам дека беше од Прилеп. Билјард федерацијата на Македонија и упати специјална благодарност за нејзиното учество. Значи гледаме да го развиеме малку спортот и во понежната страна“, дополнува Козарев.
Билјард клубот Штип е отворен за сите кои сакаат професионално да се развиваат кога е во прашање овој спорт. Клубот во моментот број 13 членови, но интересот станува се поголем и во иднина се очекува клубот да број многу повеќе членови.
Александар Ванев, М-Нет