
Избран економски оператор за набавка на две нови возила кои ќе се користат во дејноста паркинзи при ЈП Стипион во Штип. Најдоцна за две недели возилата треба да бидат ставени во функција, на тој начин што на истите ќе бидат инсталирани камери кои во реално ќе покажуваат дали возилата имаат платено паркинг или не.
„Во завршна фаза е постапката за набавка на две нови возила за дејноста паркинзи. Веќе е избран економскиот оператор и по потпишувањето на договорите ќе ни бидат доставени две возила во рок од една до две недели. На овие возила ќе бидат инсталирани камери кои ќе патролираат во централното градско подрачје, лесно ќе ги вчитуваат табличките на возилата и на софтверот и во реално време ќе испраќаат информации дали некое возило има или нема наплата. Возилата кои ќе немаат наплата по толеранција од десет минути ќе бидат санкционирани“ – вели Стефановски.
Граѓаните и понатаму ќе може да плаќаат на неколку начини за користење на паркинг услугата во градот. Се задржуваат дел од начините за плаќање како досега, а се воведуваат и нови.
„Граѓаните ќе може да плаќаат на неколку начини, ќе го задржиме плаќањето преку смс порака на бројот 144888, ќе може со издавање на електронски билети, преку апликација за паркинзи која ќе ја промовираме деновиве, како и со скенирање на код со банкарска трансакција“ – додава Стефановски.
Со новиот начин на паркирање се воведува и зонското паркирање, односно граѓаните ќе може да се паркираат во А, Б, и Х зона, и согласно тоа ќе се врши и наплатата.ж
Лаура Стојанова-Ќирчов, М-Нет