Иван Јорданов го доби уверението за градоначалник на Општина Штип, вети многу работа и нови проекти

Иван Јорданов го доби уверението за градоначалник на Општина Штип. Со ова тој ќе ја извршува градоначалничката функција уште четири години, и е првиот градоначалник на Штип кој доби поддршка од граѓаните два мандати последователно. Беа доделени и уверенија на новоизбраните советници. Јорданов повика на конструктивност во советот и носење на одлуки кои се од суштинско значење за градот.

„Сакам да се обратам до советниците во Советот на Општина Штип, да повикам да бидете конструктивни критичари и да се носат одлуки за развој на нашиот град. Сакам да ги повикам и да се обратам до сите вработени во Локалната самоуправа да бидат посветени затоа што Штип е наш и ваш дом“ – вели Јорданов.

Дополнително вети многу работа, труд и посветеност за Штип да го добие епитетот најмодерен и најразвиен град во државата. Вети паркови и зеленило, модерна спортска инфраструктура и подобри услови за граѓаните.

„Ветувам многу работа, посветеност, жртва, вклучувајќи ги сите чинители за да овие недостатоци во наредните четири години бидат корегирани, а Штип да биде најмодерниот, најразвиениот град во Македонија, центар како што и заслужува“ – додава Јорданов.

Иван Јорданов на Локланите избори во Штип победи во првиот круг кој се одржа на 19 октомври со освоени 16 514 гласови.

Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет