
Новите животни во штипската зоолошка градина ќе пристигнат напролет. По најавата за М-Нет Телевизија која во претходна прилика ја соопшти директорот на ЈП „Исар“, Трајче Здравков, а сега ја потврди и градоналникот, Иван Јорданов, штипската зоолошка градина ќе се прошири за да биде поатрактивна за посетителите. Новите животни ќе бидат донесени напролет, а дотогаш ќе се подготвуваат нивните живеалишта.
„Сакам да најавам дека од следната година Општина Штип заедно со ЈП „Исар“ ќе направи проширување на постоечките капацитети во овој ЗОО парк, збогатување на содржината, преадаптација на нови живеалишта, сѐ со цел да понудиме една подобра и подинамична содржина во овој ЗОО парк. Веќе во разговор со директорот на Зоолошката градина – Скопје договоривме донација на неколку животни коишто од март месец ќе бидат нови животни во ЗОО паркот „Бриони“, така што овој следен период ќе го искористиме да направиме соодветни живеалишта, да ги реконструираме веќе постоечките, да ја збогатиме содржината на задоволство на нашите сограѓани коишто ќе имаат можност да се анимираат и да го посетуваат овој парк“, истакна Јорданов.
Инаку, ЗОО паркот „Бриони“ сега е дом на повеќе видови животни, меѓу кои повеќето се домашни и претежно питоми. За уредувањето на паркот се грижи ЈП „Исар“, а истиот беше отворен во 2014 година на површина од 5000 м2.
„Имаме две лами, четири муфлона, повеќе видови животни од родот на кози, птици – галеби и други видови птици, како папагали. Имаме еден спектар на животни коишто се пред сѐ питоми животни и коишто најмалите посетители можат слободно да ги хранат и да ги разгледуваат. Во наредниот период ќе донесеме едни поинакви животни со што нашите жители ќе имаат уште поубаво место за рекреација и анимација на најмалите“, додаде Здравков.
Проектот за проширување, доуредување и обнова на ЗОО паркот „Бриони“ ќе биде дел од активностите за следната 2022 година и истиот ќе влезе во Буџетот на Општина Штип.
Ребека Спасова МНет