Зголемен водостојот на реките во Кочани, Каменица, брана Градче и Калиманци, ама засега под контрола

Зголемен водостојот на реките во Кочани и Македонска Каменица, зголемен и дотокот на вода во акумулацијата Калиманци и брана Гратче. Во последните 72 часа измерени се врнежи од 50 литри на метар квадратен. Утринските мерења на доток на вода во брана Гратче покажаа 10 метри кубни во секудна, додека во акумулацијата Калиманци влегуваат по околу 29 метри кубни вода, информираат од Водостопанство Брегалница Кочани. На големо се преземаат мерки и активности во општините бидејќи водостојот на реките отвора опасност од излевање. Во Кочани реката е над нивото и на одделни места го преплавува речното корито по целата негова ширина, a излеано е во дел од викендичките кон браната Градче. Градоначалникот на Општина Кочани, Владко Грозданов, вели дека ситуацијата засега е под контрла, а екипите се подготвени на терен да реагираат доколку има потреба.

Под контрола е ситуацијата и во Македонска Каменица, иако реката е на точка на излевање.

„Од увидот од утрово водостојот на реката во моментот е стабилен, врнежите се престанати. Но, будно се следи ситуацијата и доколку се зголеми водостојот екипите веќе се на терен“ – вели Стаменкова.

Поплави нема регистрирано и во Општина Чешиново – Облешево, иако е високо нивото на Кочанска река кај оранжериите кај село Долни Подлог. Градоначалникот, Јорданчo Костадинов, вели дека со мерките преземени по претходните поплави ситуацијата денеска се уште се држи под контрола.

„Од она што го видовме на терен од утринските часови, можам да кажам дека мерките кои ги преземавме од претходната поплава веќе се гледаат како успешни и моментално состојбата е стабилна. Освен што целосно не може да се каже за течението на река Брегалница која наидува со голема количина вода и во текот на денот бурно ќе се следи ситуацијата.“ – вели Костадинов.

Од УХМР информираат дека во најголем дел од државата има опасност од излевање на реките. Картата постојано се менува, па и делови од Источна Македонија се под ризик да бидат поплавени.

Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет