
Квотата за увоз на странски работници се зголеми од 5.000 на 7.000. Владата ја изгласа оваа одлука на последната седница, а вицепремиерот, Фатмир Битиќи, ја соопшти на состанокот со Делегацијата на германското стопанство во земјава. Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи вели дека ова зголемување од дополнителни 2.000 странски работници ќе го ублажи проблемот со недостаток на работна сила во земјава, но оваа најнова квота, вели Димитров, најверојатно ќе биде премала за наредната година.
„Во овој момент, поради зголемените барања за увоз на странски работници на еден начин ќе се реши со зголемувањето на квотата, но јас сум сигурен дека за идната година веќе и оваа бројка ќе биде мала. Информиран сум дека многу компании се во тек на подготвуваање на документација и соработка со разни агенции за увоз на работна сила во Македонија, вели Димитров.
Димитров смета дека треба да се олесни постапката за увоз на странски работници во земјава, а по примерот на Србија и другите земји на Балканот.
„Затоа што овој Закон кај нас е правен е во време кога сме имале голем број на невработени, така што има доста големи пречки, со цел, ете, да не се зголеми невработеноста во Македонија. Но во овој момент можеби треба и нов Закон. Затоа што процедурите се навистина многу тешки, бараат многу време, многу напори, вели Димитров.
Но според Кристина Ампева од „Гласен Текстилен“, во моментов не се знае ни дали е пополнета квотата од 5.000 странски работници и во кои сектори, па според тоа да се знае за каде се и новите 2.000. Таа посочи дека на ова треба да одговорат од Организацијата на работодавачи и Владата, но и дека со ова може да се намали цената на трудот на македонскиот работник.
„Дали е пополнета моменталната квота, каде се наоѓаат тие работници, во кои индустрии се наоѓаат и во кои региони. На тие прашања прво треба да одговорат репрезентативната Организација на работодавачи и Владата, бидејќи тие ги носат овие политики, првично тоа за да видиме за каде се планираат останатите 2.000 работници“, вели Кристина Ампева, претседателка на „Гласен Текстилец“.
Анализите на вицепремиерот Битиќи во март годинава покажаа дека во земјава недостасуваат 10.000 работници, а најмногу во секторите градежништво и угостителство.
Ребека Спасова М-Нет