
Редуциран бројот на пациенти кои денеска седнаа на столче за вакцина во салата „Јордан Мијалков“ во Штип. Два услови се главни причинители за ваквата денешна слика. Како што истакна заменик координаторот за вакцинација, доктор Иле Постолов, во вакциналниот пункт во Штип само денеска граѓаните се ревакцинираа со кинеската вакцина „Синофамар“. Исто така, тој посочи дека најголем дел од закажаните за ревакцинација доаѓаат во утринските часови, па затоа преку текот на денот гужвата е намалена. За вакцинација со прва доза нема закажано термини, а моментално нема ниту вакцини.
„Во текот на денешниот ден имаме закажано над 1500 пациенти и тоа исклучиво за ревакцинација, во моментот немаме закажано пациенти за прва доза на вакцина. Во тој момент кога ќе закажат преку системот за пријавување нови пациенти и ќе добиеме нови вакцини, во тој момент ќе започне имунизација на населението со прва доза“
Во меѓувреме, оние граѓани кои неможат да го посетат вакциналниот пункт заради оправдани здравствени причини се вакцинираат во нивните домови. Во Штип во текот на еден ден бројката на лица кои се вакцинираат дома се различни и се движат од 5 па до 12 во одредени денови. За оние граѓани кои веќе примиле прва доза вакцина и треба да се ревакцинираат исто во нивните домови треба да се пријават еден ден претходно во вакциналниот пункт во Штип. Ова се практикува и во останатите градови од Истокот.
Вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата.
Вкупно се аплицирани 331.034 дози вакцини, а ревакцинирани се 94.156 граѓани.
Бројот на лица кои изразиле желба за вакцинација преку веб платформата vakcinacija.mk е 433.787 граѓани. Со последните бројки 47 % од населението над 70 години, и 41% од населението на 65 години имаат примено барем прва доза вакцина.
Лаура Стојанова М Нет