
Петпати повеќе интервенции се регистрирани ова лето на територија на Штип за разлика од претходниот период. Екипите на ТППЕ Штип со полни раце работа, речиси 100 пати интервенирале на пожари на отворено. Командирот на ТППЕ Штип, Дарко Коцев, потенцираше дека ова лето бројот на пожари е рекорден, а со тоа и бројот на интервенции на штипските пожарникари.
„Ова лето бројот на интервенции беше зголемен за пет пати повеќе за разлика од претходните периоди, ова лето имаме рекордни пожари, од кои некаде околу 90 до 100 пожари имавме на отворе простор“, вели Коцев.
Забекежува дека со намалување на дневните температури се намалува и бројот на пожари, но тоа не значи дека е намален и обемот на работа. Додава дека се интервенира во сообраќајни несреќи, повици од страна на граѓаните и слично.
„Периодов има уште интервенции, не се како во летниот период, сега се во помал број, но сепак интервенции имаме секојдневно“, посочува Коцев.
Коцев истакна дека дел од интервенциите се реализирани и како помош на останатите општини кои имале потреба од тоа. Во оваа прилика апелираше до граѓаните да бидат одговорни и да не палат оган на отворено со цел да не се појавуваат пожари на отворено кои може да остават огромни последици и материјални штети. Дополнително апел упати и до земјоделците да не ги палат земјоделските остатоци.
Лаура Стојанова М-Нет