
Во некои ниви во атарот на Зрновци влегоа првите комбајни со што се означи почетокот на жетвата на белото злато. Со тоа се стави крај на наводнителната сезона на оризот, која, според раководителот на водостопанската подружница „Брегалница“ – Кочани, е задоволително завршена. Во зависност од временскиот перид кога е пуштена водата ќе се одвива и овогодинешната жетва.
„На ова место каде што жетвата е отпочната водата беше пуштена на 10 април. Навремено пуштање на водата и навремена жетва. Водата е главниот фактор во производството на оризот и беше на располагање на корисниците“, вели Богатинов.
Оризопроизводителите од Чешиново велат дека официјално жетвата кај нив ќе започне на 1 октомври. Водата во нивните ниви е пуштена нешто покасно, па заради тоа и жетвата ќе започне за половина месец од денеска. Се надеваат на добро производство оти, како што велат, имаат неколку сорти на ориз кои се работат и кои се со добар квалитет.
„Неофицијално може да се ожнее нешто, ама жетвата официјално заполнува од 1 октомври. Реалната ситуација со оризот е на два дела поделена. Водата од Брегалница тука оризот се сееше многу порано. Тоа е во Оризари, Грдовци и Зрновци, а потоа ќе се жнее Облешево, Теранци, Чешиново“, додава Димитров.
Инаку, со завршување на наводнувањето на оризовите ниви во кочанскиот дел има резерви од околу 42 до 43 милиони метри кубни вода кои се оставени за наредната 2024 година. Според Богатинов, ова е добар показател дека и догодина не би требало да се појават проблеми со наводнувањето на оризот.
Лаура Стојанова М-Нет